
|
Фридтјоф Нансен (1861-1930) Живот во служба на науката и човештвото Хр. А. Р. Кристоферсен (Издадено од страна на Високиот Комесаријат за бегалци при Обединетите Нации и Норвешкиот совет за избеглици, во соработка со Канцеларијата за Култура на Министерството за надворешни работи на Норвешка, по повод годишнината од раѓањето на Нансен во 1961 година.) Детство и младост Нансен се родил во Норвешка, на 10 Октомври 1861 година, и ја достигнал својата зрелост во Френ, на периферијата на Кристијанија (сегашно Осло). Неговиот дом од детството сега е опкружен со проширените предградија на Осло, но во 1860-те таа област сеуште имала рурален карактер. Само на неколку чекори од Нансеновиот дом имало огромни пространства од шуми и отворен простор, нудејќи неспоредливи можности за лов, риболов и скијање, активности кои што рано оставиле трага врз неговиот карактер. Мајката на Нансен била голем љубител на скијањето, во тоа време национален спорт што бил запоставен, и кој што се сметал како исклучиво машка активност. Неговиот татко бил адвокат и фамилијата живеела удобно. Како и да е, децата имале спартанско воспитување: тие биле учени на едноставен и скромен начин на живот, и многу рано се извештиле самите да се снаоѓаат во дивината. Родителите обрнале големо внимание да им вдахнат цврсти морални квалитети - интегритет, независност и храброст. Активностите во природа уште како дете подоцна се покажале како многу битни за Фридтјоф Нансен. Тие ја развиле неговата љубов и чувствувањето на природата; го направиле скромен, независен, издржлив и друштвен, ја засилиле неговата волја и го научиле да ги запознае своите способности и моќи. Неговата љубов кон природата и рано созреаното чувство на блискост со неа, биле одредувачки фактори во 1880 година, кога при уписот на Универзитетот во Кристијанија ја одбрал зоологијата како главен предмет. Во пролетта и летото 1882 година, додека сеуште студирал, Нансен се приклучил на експедицијата до Јан Мајен со бродот Викинг, патување што понатаму се покажало како пресудно за неговата кариера. Тоа му го овозможило првото доживување на Арктикот, и тој бил воодушевен од мирот и тишината, од дивата, маѓесна убавина на водите со нивните чудесни пејсажи - глетка која што со својата непокорност на младиот човек му претставувала предизвик за неговиот ум и тело, неговите способности, снага и амбиција. Таа привлечност што поларните региони ја имале за него, со својата огромност и дивина, ќе трае цел живот; овде помеѓу ледените пространства тој можел да се стави себеси на тест, искушувајќи ги морални и физички способности, храброста, волјата и издржливоста, квалитетите на предводник и физичка спремност. Арктикот за него бил свет на еден човек. Како и да е, времето што следело било посветено на науката и студиите. Есента 1882 година, тој се вработил во Берген Музејот каде што го извршил својот прв независен проект на истражување, испитување на нервниот систем на животните од пониските класи. Со теза под истион наслов се стекнал со докторска титула на Универзитетот во Кристијанија во 1888 година. Преку Гренланд на скии Веќе наредната година по експедицијата на Јан Мајен, Нансен почнал да прави планови за патување низ Гренланд, најголемиот остров на светот. Внатрешноста на оваа земја била потполно неистражена, и во научните кругови од тоа време постоеле најразлични претпоставки и теории за тамошната состојба. Нансен сакал самиот да се увери во вистинската слика за тоа како е таму, и увидел дека е најдобро таму да се отиде на скии, како најпогодно средство за патување во тие региони - се разбира, во тоа време сеуште не се знаело за авионите. Тој јавно ги објавил своите намери во 1887 година, и во 1888 година, заедно со уште пет свои придружници, го ставил својот план на проба - и успеал во тоа. Како и сите негови потфати, и проектот за Гренланд бил едноставен и храбар, но барал исцрпни подготовки и способности да се предвидат непознатите проблеми и тешкотии. Неговата намера била да се премине замрзнатата земја од исток кон запад. Овој избор на правец бил карактеристичен за Нансен, затоа што подразбирал патување од ненаселените и изолирани источни краишта кон населбите на запад. Тоа значело дека нема враќање назад; екипата би немала друг избор освен да напредува. Бришењето на заднината и не оставањето простор за повлекување било отсекогаш негов начин. Пред поаѓањето, комисијата од експерти го нарекла неговиот план лудост. Никој не верувал дека скијачите без кучиња и санки ќе успеат да го преминат мразот, и се сметало дека немањето база зад себе е однапред осудено на пропаст. Но 27 годишниот зоолог продолжил со својот план. Соочени со огромни тешкотии и после сериозни заостанувања причинети од мразот и времето, Нансен и неговите придружници го почнале своето патување од источниот брег на Гренланд, кај Сермилик Фјорд. Заради овие првични проблеми, тие не можеле да започнат со патувањето се до 15 август, кога краткото Арктичко лето веќе се ближело кон крај. Експедицијата била неверојатно опасна и истоштувачка; екипата морала да се искачи на висина од дури 9.000 стапки надморска висина и да си пронајде пат помеѓу застрашувачките санти мраз; понекогаш температурата паѓала и до -45°С. Морале да ги ограничат опремата и резервите на она што можат да го носат со себе или да го влечат на санка направена од скии; и често имале агонии заради недостаток на масти, како резултат на неправилно креиран режим на исхрана. Но и покрај сите тегоби и маки, тие ја постигнале својата цел. До крајот на септември тие се симнале до западниот брег, и на почетокот на октомври пристигнале до населбата во Годтааб, каде што ја поминале зимата. Оваа експедиција многу придонела за научното спознавање на интериорот на Гренланд - за кој што многу научници дотогаш сметале дека е без мраз - и многу помогнало да се промовира светскиот интерес за скијањето. Патувањето на Фрам Преминувањето на Гренланд набрзо било ставено во сенка на Нансеновата следна дестинација во поларните региони, овојпат со бродот Фрам. Уште еднаш неговиот план бил базиран врз брилијантно едноставна, но храбра идеја, и уште еднаш комисијата на експерти ја оценила како будалеста. Нансен уште во 1884 година имал прочитано дека остатоците од Американскиот брод Жанет, кој потонал кај Новосибирските Острови, биле пронајдени близу до јужниот дел на Гренланд. Остатоците мора да биле носени низ Поларното Море со сантите мраз; факт што укажувал кон постоењето на западно-океански струи во тој регион. Нансеновата нова идеја била да исплови со брод колку што е можно поистично, на брегот на Сибир, и да дозволи бродот да замрзне, со надеж дека струите ќе го однесат кон Северниот Пол или до некоја точка во близина. Тоа била револуционерна замисла, и планот барал огромни и прецизни подготовки. Секоја тешкотија или опасност морала да се предвиди и да се најде начин да се надмине. Нансен подоцна признал дека презел чекори за петпати поголеми проблеми отколку што навистина имало на експедицијата. Основната задача била да се изгради брод што ќе може да го издржи притисокот на мразот. Нансен лично ги надгледувал дизајнот и конструкцијата. Основата на бродот, кој бил наречен Фрам (Напред), била направена исклучително цврста, а линиите под водната површина биле позаокружени од обично. Како резултат на тоа, кога сантите мраз ќе се збиеле со голем притисок врз бродот, тој можел да се ослободи од притисокот наместо да се распарчи. Експедицијата започнала летото 1893 година, со следење на источниот курс кој го одвел бродот покрај Сибирскиот брег. Во септември започнал судирот со мразот. Нансеновата теорија се покажала како добро осмислена, и бродот бил носен од водите во северозападен правец. По една година заробен во мразот, Нансен морал да го прифати фактот дека сепак тој курс нема да го одведе толку многу накај север како што се надевал, и дека бродот нема да помине покрај Северниот Пол. Тогаш тој се решил на храбар чекор - да го напушти бродот заедно со избран придружник, Хјалмар Јохансен, и со помош на скии, санки возени од кучиња и кајаци, да продолжи накај север со цел да се приближи што е можно поблиску до Северниот Пол. Тој повторно не оставил задни резерви, и се упатил кон непознатото со залихи за сто дена и знаејќи дека за да опстанат, тој и неговиот придружник ќе мораат да се снајдат и самите да си го најдат патот до светот на луѓето. Фрам останала на својата маршута. Нансен и Јохансен тргнале на овој пат во март 1895 година, при положба на Фран од 84 латитуда. Потпирајќи се единствено на своите способности, тие се судирале со санти мраз и отворени јазови кои се појавувале одненадеш и без најава на патот, но сепак напредувале низ замрзнатото море кон непознатата судбина и потполно отсечени од цивилизираниот свет. Ова за нив било време на тестирање. По таквото патување низ неверојатни опасности и незгоди, преку скоро непреодните маси мраз - кои, за уште повеќе да го усложнат патувањето, се движеле накај југ, истражувачите ја достигнале точката од 86° 14`, најблиската точка до Северниот Пол каде што стапнала човечка нога, пред да бидат принудени да се вратат назад бидејќи резервите на храна за нив и кучињата нагло се намалувале. Тие поминале 132 дена надвор од бродот пред да дојдат до цврста земја. Успеале да се пробијат до еден изолиран остров на Франц-Јозефовата Земја, каде што биле принудени да ја поминат зимата во најпримитивни услови и во засолниште направено од карпи и мраз; нивните резерви од гориво биле скоро потрошени, а за храна морале да се потпираат на поларните мешки што ќе ги уловеле. Летото 1896 година тие го продолжиле своето долго патешествие кон југ, патувајќи со кајак се додека не наишле на британскиот истражувач Фредрик Џексон и членовите од екипажот на Капе Флора. Џексон ги одвел назад во Норвешка со својот брод, каде што пристигнале во август; од нив немало ни збор откога заминале со експедицијата во 1893 година. Фрам се вратил скоро во исто време, појавувајќи се од мразот северно од Спитсберген. Бродот талкал три години, што било токму колку што Нансен предвидел кога ги правел плановите. Потфатот на Фрам и неговиот екипаж привлекол огромно светско внимание и му обезбедила на Нансен репутација на поларен истражувач како никој до тоа време. И неговите епохални идеи и планови се стекнале со голем восхит, резултат на научните истражувања, неговите организациски способности, храброст, одлучност и физичка спремност да се соочи со најсуровите природни околности, против кои секој друг човек би се чувствувал немоќен. Научните резултати до кои се дошло биле од голема важност и до некоја мера и револуционерни. Еден битен факт што произлегол од набљудувањата на експедицијата - кои биле публикувани во шест-томно научно издание - бил дека Поларното Море е неколку илјади фатоми длабоко и потполно без острови; пред тоа многу авторитети го застапувале ставот дека ова море е плитко и прошарано со релативно големи површини цврсто тло. Научните докази што Нансен ги донесе истотака се покажале од голема важност за проучувањето на земјениот магнетизам и Аурора Бореалис, како и во областа на арктичката метеорологија, океанографија и зоологија. Нансен, кој во 1897 година бил именуван за професор по зоологија на Универзитетот во Кристијанија, постепено развил личен интерес за океанографијата, и во 1908 година станал професор по тој предмет, гранка од науката за чиј развиток има огромна заслуга. Потфатот на Фрам експедицијата што тој го запишал за пошироката јавност станал бестселер во светот, и тој бил канет да предава во најпознатите географски друштва. Славата со која се стекнал и авторитетот кој го имал како резултат на своите потфати, се покажале од неспоредлива важност во годините што биле пред него, кога требало да се справи со скоро надчовечки проблеми, многу поразлични од оние со кои се среќавал на крајот од векот. Политика и дипломатија Нансен не сакал ништо повеќе одошто да продолжи со своите истражувања. Тој успеал да се придружи на неколку океанографски експедиции, по што објавил некои сензационални написи за неговите откритија во Норвешкото Море. Тој исто така се зафатил со планирање на нова поларна експедиција, вклучувајќи и една која што тој се надевал ќе го одведе до Јужниот Пол. Овој проект сепак не бил комплетиран; други поважни работи му го привлекле целото внимание и како што годините поминувале тој бил принуден пополека да ја става настрана сета своја работа од научен карактер. Ова претставувало голема лична жртва за него, бидејќи природата, истражувањето и потфатите биле нешто што најмногу му лежело на срце. Но другите задачи ставени пред него, прво од неговата земја, подоцна од милиони беспомошни луѓе низ светот, му станале премногу важни. Чувството на должност и сомилоста го натерале да ги запостави своите сопствени желби, да ги жртвува своите амбиции за да им помогне на оние помалку среќни од него, и да извршува дејности од сомилост без обзир на неговите лични аспирации и потреби. Во 1905 година Норвешка ја разреши својата нестабилна унија со Шведска, после завршетокот на векот со политички контроверзии. Ова било проблематична операција, и сенката на оружан конфликт и меѓународни компликации се надвиснала и над двете нации. Во оваа судбинска година Нансен одиграл битна улога, како со неговите напори да обезбеди поддршка од неговиот народ за резолуцијата на акција на Норвешката Влада, така и со разјаснување на Норвешката позиција и лобирање за нејзината цел помеѓу водечките лидери светската јавност. Во канцелариите на Европа сите врати беа отворени за прочуениот истражувач, и тој успеал да обезбеди непроценлива поддршка преку издавање информативни артикли во светскиот печат. Тој исто така имал значително влијание врз Норвешката Влада при нејзините интерни дискусии во однос на средувањето на кризата, и следствено бил назначен за прв министер на новата независна Норвешка држава, во Лондон (1906-1908 год.) каде што неговиот личен рејтинг бил висок. За време на првата светска војна, Нансен, со инструкции на Норвешката Влада, успешно решил една мошне тешка и важна задача. Заради засилената блокада што настанала со влегувањето на САД во војната во 1917 година, набавната моќ на неутралната Норвешка имала изгледи да стане сериозно загрозена. Нансен бил испратен во Вашингтон како водач на една делегација со цел да се преговара со Американските власти за намалување на ембаргата на одредени стоки. Оваа задача Нансен успешно ја завршил, склучувајќи поволен договор пролетта 1918 година, после многу тешкотии. Репатријација на воени заробеници Војната оставиланедвојбен впечаток врз Фридтјоф Нансен. Масовното убивање на луќе во цветот на нивната младост, страдањата на жените, децата и изнемоштените кои умирале од прегладнетост и болести, неверојатната материјална деструкција, искривувањето на моралните вредности, со бруталност, насилство и газење врз најчистите инстинкти како резултат - овие работи го натажувале и го шокирале. Заради ова, тој се свртел кон превенцијата од појавување на таа деструкција, како задача што засенила се друго; и како што направиле и многу други, ги внел своите надежи во Лигата на Нациите, новата светска организација за зачувување на мирот, за оснивање на меѓународен правен систем кој се залагал за разоружување, и за помагање на преживеаните од војната да им се намалат страдањата. Од самиот почеток Нансен бил активно посветен на концептот на Лигата на Нациите и нејзината политика, и од оснивањето до неговата смрт тој ја предводел делегацијата во Женова. Во оваа дејност тој се посветил комплетно, и покрај многуте пречки и разочарувања, на оснивањето систем на колективна сигурност и на напорите меѓународните конфликти да се разрешуваат во судница и на заедничка маса наместо на воено поле. Но како што работите се одвивале понатаму, неговата водечка улога била во меѓународниот хуманитаријанизам, во и надвор од рамките на Лигата на Нациите. Првата поважна задача што тој си ја задал и успешно ја извршил била репатријацијата на воените заробеници, проблем со кој Лигата на Нациите првпат се соочила во 1920 год. Иако веќе поминале година и пол после војната, илјадници заробеници сеуште биле заробени во Сибир и други делови на Азиска Русија, а голем број од нив биле рассеани низ земјите на Југоисточна Европа. Овие несреќници биле легално слободни, и земјите во кои се наоѓале биле повеќе од желни да се ослободат од нив; нивната дилема била дека, заради хаосот и сиромаштвото предизвикани од неодамнешниот конфликт и повоената состојба, на државите им недостигале средства да ги репатрираат луѓето што биле останати кај нив. Не само што имало недостиг од фондови и транспорт, туку на многу места целата машинерија на владата била разрушена заради стресот на ситуацијата, и администрацијата била распуштена. Судбината на затворениците во Сибир била најтешка; тие гладувале, нивната облека била искината, немале никаква медицинска помош и залихи, биле без вистински живеалишта; ако тие не се изнеселе од таму пред зимата 1920-1921 година, се стравувало дека мнозинството од нив ќе умре од прегладнетост, премрзнатост или болести. Советот на Лигата на Нациите дошол до заклучок дека ако не постојат можности за спасување на заробениците - во некои случаи нивната местоположба и бројност биле непознати - мерките за спасување треба да се предадат на човек од меѓународен углед со способности. Изборот на Советот паднал на Нансен. Отпрвин тој одбил заради неговата научна работа, но најпосле дозволил да биде убеден да ја преземе задачата како Висок Комесар за воени заробеници при Лигата на Нациите. Оваа одлука била поттикната како од сочувството кон несреќниците кои сеуште се наоѓале во заробенички кампови, така и од значајниот факт дека ако Лигата сакала да ужива комплетна доверба, нејзината прва задача од полето на практичната организација би требало да биде извршена што е можно побрзо и поефикасно - а тој сакал да стори се што може за да ја зголеми репутацијата на Лигата. Нансен набрзо се покажал дека е вистинскиот човек за оваа работа. Најпрво, тој бил одличен организатор на практично ниво, а како второ , тој поседувал лична авторитативност и уживал -доказ за неговиот цврст карактер - таква довеба, што можел да воспостави контакт, да посредува и да промовира соработка меѓу владите и фракциите што не биле во добри односи. Исто така, значајна задача била и изградба на взаемна доверба меѓу изолираната Влада на новонастаната Советска Унија и земјите на Западот. Нансен се спогодил со владите и се заложил да изгради ефикасна административна машинерија, собрал средства и набавил кредити, обезбедил залихи на храна, облека и медикаменти, позајмил бродови, и ги координирал напорите на главните хуманитарни организации. Тоа било неверојатен потфат, но за време од осумнаесет месеци тој успешно го завршил. Околу 450.000 поранешни воени заробеници од дваесет и шест различни држави биле вратени во нивните домови - што за многу од нив значело спасување од сигурна смрт. Бегалците Додека сеуште имал полни раце работа со репатријацијата на заробениците, уште еден товар бил ставен на Нансеновите плеќи. Тоа било помагањето на милионите политички бегалци, кои што првата светска војна и појавените револуции и ѓраѓански немири ги натерале да си ги напуштат домовите. Овие несреќни луѓе, со отсечени корења и гонети, биле рассеани низ Европа и Азија и не сакале или не можеле да се вратат во своите земји. Многу од нив биле без основните потреби за живот и не знаеле каде би се населиле; без работа, осиромашени, осамени и несакани, тие биле отфрлани од земја во земја. Голем број од нив биле во таква лоша состојба и екстремна мизерија, што нивното одржување во живот барало големи суми пари. Ова било уште една причина за желбата да им се пронајде место каде што тие би можеле повторно да се населат, да им се обезбеди вработување и да им се помогне да живеат достојни човечки животи. Во февруари 1921 год, Меѓународниот Црвен Крст го повикал Советот на Лигата на Нациите да стори нешто за бегалците, и во август истата година Советот му се обратил на Нансен да се позабави со овој проблем. Повторно тој ја искажал својата спремност за таа задача, иако била од многу поголеми размери и предвидувала повече тешкотии отколку репатријацијата на воените заробеници. Како прво, се работело за многу повеќе човечки животи, како второ, општо земено, задачата не била едноставно да се вратат жртвите во нивните држави, туку да им се најдат нови домови; како трето, било навистина мошне тешко да им се обезбеди резиденција и работни дозволи во земјите каде што владееле економски кризи и невработување. Посебен проблем претставувало тоа што многу од бегалците биле без пасоши или идентификација, околност што ги комплицирала односите со властите. Нансен ја разрешил таа потешкотија едноставно и радикално, со воведување на нова форма на пасош, еден вид на меѓународен доказ за идентитет што го признавале повеќе од педесет држави. Иако навидум тежок, овој проблем се покажал дека е наједноставен од целата работа. Многу потешко било да се најдат трајни домови за бегалците, да им се обезбеди работа и почеток на нов живот. Овде Нансен се сретнал и со апатија и со спротивставеност; но како што било негов обичај, одбил да признае пораз. Тој се спогодувал со властите на државите, докажувал и убедувал, и успеал да ги среди работите додека истовремено бил вклучен во незапирливата борба да се разбуди совеста кај светот. Цело ова време неговите напори биле отежнати со недостиг на средства, толку многу што некои од бегалските кампови биле загрозени од масовна прегладнетост; често единствениот начин тие да се спасат било тој да ги употреби своите лични средства. За разлика од репатрицијата на воените заробеници, работата со бегалците не можела да се доведе до завршница. Таа морала да се продолжи, година по година, до крајот на Нансеновиот живот и понатаму. Таа не била завршена кога започнала втората светска војна, која предизвикала огромни нови проблеми со кои што Обединетите Нации и хуманитарните тела сеуште се справуваат. До крајот на својот живот Нансен несебично работел за бегалската кауза, и претставувал клучна фигура во оснивањето на бројни меѓународни организации посветени на нивните интереси. По неговата смрт, таа работа продолжила под закрилата на Лигата на Нациите, преку канцеларијата што станала позната како Нансен Офис; и после втората светска војна под закрила на Обединетите Нации. Глад во Русија Да се биде одговорен за работата со бегалците било дејност што би требало да биде и повеќе од доволно за еден човек. Но набрзо откако Нансен ги презел своите должности во 1921 год, се појавила и друга неодложна задача за него. Црвениот Крст го замолил да го предводи спасувањето на милиони Руси кои умирале од глад заради катастрофите што следеле по првата светска војна, револуцијата, цивилната војна, како и заради проширените заразни епидемии кои усмртиле голем дел од истоштената популација. На многу начини ова била најголемата и најтешката од сите хуманитарни дејности што Нансен ги извршил; никогаш пред тоа ситуацијата не била толку акутна, бројот на загрозените луѓе толку голем, и бројот на спасените толку опсежен. Во Украина и покрај Волга, милиони истоштени и умртвени луѓе биле потполно без никакви егзистенцијални средства - а стравуваната руска зима брзо се ближела. Многумина, со изгубена надеж, тивко и се препуштиле на смртта; другите оставиле се што им било драго и очајно талкале низ степите, со надеж да најдат нешто што ќе им го ублажи неподносливиот глад, но наоѓале само трева, трски и земја. Илјадници деца биле оставени и напуштени. И луѓето и ѕверовите гладувале; во некои места селаните се бореле со птиците за последните неколку зрна храна, додека извештаите од некои места наведувале на канибализам. Овојпат хуманитарната работа се сретнала со уште поголеми политички тешкотии отколку порано. Руската граѓанска војна само што завршила, и во многу делови од светот советскиот режим бил омразен. Комунистичката Влада била третирана со голема недоверба и многу политичари гледале на помошта на руските селани како на прикриена поддршка за болшевизмот. Уште еднаш Нансен не можел да напредува со Лигата на Нациите или со повеќето влади на кои им пристапил; на секој чекор тој се наоѓал себеси пред ѕид. Последицата од тоа била, покрај организирањето на огромната машинерија што била интегрален дел на хуманитарната работа во и надвор од Русија, Нансен лично да се зафати со задачата на собирање средства преку обраќање директно до јавноста, занемарувајќи ги нивните политички лидери. Тој пишувал прогласи, давал горливи говори, непрестајно патувал и држел предавања и повици, организирал спонзорства, молел и убедувал - и длабоко посегнал во сопствениот џеб за да и помогне на хуманитарната работа. Во 1922 година тој бил награден со Нобеловата награда за мир за неговата работа со бегалците, и еден дански издавач, Кристијан Ериксен му врачил сума еднаква на сумата од наградата. Сето ова Нансен го употребил за својата работа. Провизијата за помош на прегладнетата Русија се продолжила за две години, до есента 1923 год., до кога најлошото веќе поминало. Други организации, особено Американскиот Црвен Крст, помогнале во оваа голема работа. Се разбира, невозможно е да се одреди прецизно што точно Нансен и неговите соработници оствариле; но се проценува дека тие ги спасиле животите на повеќе од седум милиони луѓе, од кои шест милиони биле деца. Но Нансен никогаш веќе не бил истиот после овие ужасни години. Ужасите на кои бил сведок во Русија и огромната истоштувачка работа оставиле свои траги врз него. Тој увидел - а тоа било болно увидување - дека неговите научни активности завршиле засекогаш, и дека во иднина само на кратко ќе може да им се посвети на природата и осаменоста што толку многу ги сакал. Масовна евакуација Додека сеуште бил зафатен со помагање на жртвите на гладот и на бегалците, тој си зел на себе уште еден товар. За време на Грчко-Турската војна есента 1922 год, Грците претрпеле голем пораз во Мала Азија, и како резултат на тоа биле принудени да се повлечат од Турската територија. Армијата враќајќи се кон Грција била придружена од маси на грчки бегалци, фамилии кои живееле во Мала Азија и Турција со генерации, но кои што биле протерани од таму или избегале во паника, оставајќи зад себе се што не можеле да носат со себе. Тоа било бројка од околу милион луѓе, и сите од нив, без никакви средства за живеење, пристигнале во малата неприпремена Грција. Ова лесно можело да прерасне во катастрофа, бидејќи Грција не поседувала никакви мерки и средства за да се справи со овој ненадеен влив на осиромашени бегалци. Грчката Влада се свртела кон Нансен со молба да организира меѓународна хуманитарна акција. Тој тоа и го сторил, овојпат со поддршка на Лигата на Нациите и разни Европски држави, со парични средства, залихи од храна, облека, медикаменти и друго. Преземените мерки послужиле да се спречи првобитна катастрофа, но не претставувале конечно решение на проблемот. Сеуште се поставувало прашањето што да се стори со еден милион луѓе кои се простиле од своите домови засекогаш. Заострените односи межу двете земји значело дека тие не можеле да се надеваат да се вратат било кога во Турција. Но исто така, во Грција постоела голема турска заедница и многу од нив, чувствувајќи дека нивната егзистенција е загрозена, сакале да се вратат во својата родна земја. Заради ова, Нансен обмислил еден храбар и неконвенционален план за размена на овие две групи. Кога првпат ја објавил, оваа идеја се сретнала со остро спротивставување во многу делови и на двете земји, и планот бил гласно критикуван секаде како неодговорен и непрактичен - критика веќе позната на Нансен. Тој и овојпат, како и во неговите младешки денови, не дозволил да биде спречен од сомневања, неодлучност и замерки бидејќи тој самиот бил уверен дека го нашол вистинското решение. Планот за размена се одликувал со едноставност и широка визија што била типична за сите негови потфати, и неговите напори да се убедат Грчката и Турската Влада да го усвојат најпосле биле крунисани со успех. Како и да е, ова не значело завршување на проблемот. Работата требало да се организира, и се разбира, да се финансира. И двете задачи паднале врз Нансен. Тој успеал да обезбеди меѓународен заем од 12 милиони фунти, и со овие средства тој можел да ја изврши размената. Ова било најголемата масовна размена на луѓе во историјата: 1.250.000 грци биле транспортирани од турска на грчка територија, додека половина милион турци биле испратени во спротивен правец, со тоа овозможувајќи им на околу два милиона луѓе да започнат нов живот заедно со нивните сонародници. Што ова значело за тие кутри луѓе лесно може да се замисли. Постојат одредени докази што индицираат дека оваа масовна евакуација била фактор од голема политичка важност во односите помежу двете земји, бидејќи биле поштедени од тешките проблеми и антагонизми врзани за малцинствата што толку многу ја влошувале атмосферата меѓу многу други нации. Во текот на работата во Грција и Турција, Нансен се сретнал со групи Арменски бегалци, и ова го натерало да се позабави и со Арменскиот проблем во целина. Трагичната историја на Арменците оставила голем впечаток врз него, и тој посветил многу години напорна работа за реализација на концептот на претседателот Вилсон, на Арменците да им се обезбеди национален дом и да се оформи независна Арменска држава. Едно од најгорчливите разочарувања во неговиот живот било неможноста да се најде решение за овој проблем, заради непремостливоста на политичките препреки. Иако Нансен бил цврсто граден, издржлив човек со нерви да се справи со било која препрека, речиси нечовечкиот товар на работата што го носел за време на 20те, постепено оставал траги врз неговото здравје. Неговите моќи се намалувале и заради многуте разочарувања со кои се сретнувал, изгубените надежи, очекувањата што не се оствариле кога неговите пораки за хуманизам и помагање биле пресретнувани со ситничавост и интриги на политичарите, незаинтересираност и апатија, малограѓански национален еготизам и плитка човечка инерција. Тој увидел дека можел да направи многу повеќе за несреќните луѓе на кои се обидувал да им помогне, само ако добиел поголема помош и поддршка од оние со влијание и моќ; наместо тоа, тој често морал да го поднесува товарот сам. Неговите блиски дотогаш веќе биле починати, низ тие истоштувачки години тој често бил блед и ослабен од умор; но тој продолжил со работа се до својата смрт. Нансен починал на 13 мај 1930 год. на неполни шеесет и девет години, неговото големо срце исцрпено од се она што се барало од него. Во знак на почит, неговата земја му приредила закоп на 17 мај, националниот ден на Норвешка - невидена чест за некоја личност. Човекот и неговото дело При секој обид да се опише Фридтјоф Нансен и неговите огромни и разновидни достигнувања, набрзо станува јасно дека не се тоа неговите интелектуални и артистички нишки што го сочинуваат главниот дел од неговиот карактер, иако овие таленти се од вистински забележителна, и универзална природа. Неговата величина се развила, прво и основно, од неговите морални квалитети. Тој бил она што може да се нарече морален гениј, возвишена и благородна личност, практичен идеалист, независен, неподмитлив и несопирлив, безкомпромисно пожртвуван, човек секогаш чесен и кому концептот на лично луксузирање му бил непознат. И покрај своите таленти, тој ништо не постигнал без вложени напори; ништо не паѓало туку така во неговиот скут. "Според природата, јас сум слаб," изјавил еднаш. "Карактерот што го имам извира од моето строго воспитување." Она што испуштил да го каже, но слободно може да се додаде, е дека за тоа воспитување во голема мера тој самиот бил заслужен; бидејќи се работи за лична дисциплина. Тој бил човек со силна волја, и си ги поставувал највисоките стандарди пред себеси. Се разбира, човек може да биде и талентиран и од благороден карактер и без да постигне многу во животот. Тоа што Нансен постигнал такви големи работи како истражувач и научник, како дипломат, политичар и хуманитарец, се поврзува со фактот што тој бил истовремено и мислител и човек од акција, неговиот ум можел да створи визија на целината, за пошироката слика, а истовремено да се справува со многуте практични детали. Тој можеби изгледа како да го следела среќа, но општо земено таквата среќа каква што тој ја имал била од калкулирана разновидност, врз основа на систематската припрема на се, што оставало многу малку на случајноста. Ова се однесува како на исцрпните анализи што ги правел за секој план или проблем во поширока смисла, така и на илјада и едните ситни, но битни детали на тие планови, детали пред кои би потклекнале и најдобрите планери. Често се вели дека многу од Нансеновиот карактер има печат на едноставност. Ова е донекаде точно, но се работи за едноставност во големи рамки со која што се одликуваат гениите и луѓе со исклучителни остварувања; едноставност оттргната од примитивното и некомплицираното, едноставност споена со способноста да се согледа глобалната слика, виталната нишка во масата детали, да се отстранат неважностите и случајностите, да се откријат главните принципи и да се направи синтеза. На некои луѓе можеби ќе им изгледа наивна Нансеновата верба, волја и моќ на акција, и мора да се признае дека тој никако не бил еден од оние софистицирани луѓе кои се исполнети со сомневања и нервози. Она што било дел од неговата величина и често го водело кон успех, била неговата особина да ги отфрли сите сомневања во клучните моменти, после многу горливи анализи и промислувања, и да стои зад своите одлуки со својот живот ако е потребно. Тој ја имал улогата на морален лидер што ретко се сретнува во денешно време токму поради неговата "наивна" верба во таквите едноставни, фундаментални вредности како што се човечкото достоинство, хуманоста и сочувството. Тој никогаш не испуштил можност да ги прокламира овие вредности - не само со зборови, туку и со дела. Тој никогаш не се заморил во своите напори да ги оживее тие вредности во своите дела; или поточно, иако често уморен, тој никогаш не им се предаде на уморот или очајот. Со неговиот сопствен пример тој му покажа на светот дека несебичните акции и самопожртвуваноста навистина постојат, не само со вложувањето на двојната Нобелова награда во неговата работа, туку и со откажувањето од научните интереси и со посветувањето десет години од својот живот во служба на луѓето. Последново било жртва што скапо го чинела, многу повеќе отколку паричните вложувања. Тој жртвувал уште нешто - своето здравје. На меѓународно поле тој буквално се преработувал до крајност. Затоа не е сосема точно кога ќе се каже дека умрел затоа што срцето му откажало; напротив - тој умрел затоа што срцето никогаш не му откажало. Кога во 1926 год. студентите на Св. Ендрјуз Универзитетот му ја укажале честа со тоа што го избраа за ректор, тој одржал говор во кој ги величал - покрај квалитетите како храброст и издржливост - прво и основно, авантуристичкиот дух, поривот да се оствари нешто. Ова било еден од неговите основни квалитети низ целиот негов живот. Во неговите млади денови тој го ризикувал својот сопствен живот на поларните експедиции, не оставајќи си база за враќање. Во неговите подоцнежни години тој исто така бескомпромисно ги жртвувал своето богатство и науката, својот живот и здравје, за да им помогне на луѓето што страдаат. За неговите дела и во двете области, неговото име засекогаш ќе остане запаметено и почитувано насекаде низ светот. Изреки од Нансен: "Човекот сака да осознава, и кога ќе престане со тоа, тој престанува да биде човек." "Првата голема работа е да се пронајдеш себеси, и за тоа ти треба осаменост и контемплација: барем понекогаш. Ти кажувам, откритието нема да ти дојде од немирните, бучни центри на цивилизацијата. Тоа ќе дојде од осамените места." "Отсекогаш си мислев дека многу-ценетата "линија на застој" е замка за луѓето кои сакаат да ја постигнат својата цел... Секогаш гледајќи наназад, тие не стигнуваат никаде. Патникот со вистинска одлучност можеби промислува долго, но потоа го одбира вистинскиот пат и се држи до него." "Пази се од нефлексибилност и глупавост. За силниот човек постои голема опасност во отпорот и противречноста. Само супериорен карактер може да си дозволи да биде убеден во логиката на другиот сред жижата на расправиите." "Ние сме исто толку малку волни да нанесуваме неправда колку и да ја трпиме. Таквите инклинации, покрај тоа што се лоша политика, се и показател на инфериорно воспитување. Заради тоа, политички разумно би било да и се помогне на Шведска со концесии и либерализација, така што извршните постапки на Унијата ќе се остварат без шведскиот народ да се чувствува онеправден." Фридтјоф Нансен (видео) |

















